Прекинот на огнот договорен меѓу Русија и Украина – да им се дозволи на цивилите да евакуираат два града во југоисточна Украина – се распадна, само неколку часа откако беше објавено.
Големиот пристанишен град Мариупол и помалиот град Волноваха веќе неколку дена се под екстремно силно гранатирање.
Но, денов започна со попозитивна нота – со најава дека на цивилите ќе им биде дозволено да заминат по договорените рути во периодот од 09:00 до 16:00 часот по локално време (07:00 – 14:00 GMT). Во исто време требаше да биде во сила и прекин на огнот.
Сепак, не долго откако започна, украинската страна ги обвини руските војници дека го искористиле примирјето за да ги унапредат своите позиции.
Би-Би-Си по разговор со заменик-градоначалникот на Мариупол и жител на градот соопшти дека руските сили сè уште ја гранатираат областа.
Конечно, градскиот совет на Мариупол објави дека евакуацијата на цивилите е одложена бидејќи нивната безбедност повеќе не може да се гарантира.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека прекинот на огнот бил прекршен кога украинските „националисти“ пукале врз нивните војници.