Граѓаните треба да се подготват за вистинска метеоролошка вртелешка во втората половина на јануари, со оглед на тоа што прогнозата најавува чести промени на временските услови и температури кои ќе се движат од длабок минус до 10 степени.
Снег и пад на температурите кон средината на следната недела
По релативно сончевиот почеток на овој период, веќе од утре се очекуваат првите врнежи од дожд. По краткото стабилизирање во недела и понеделник, вистинскиот пресврт доаѓа во вторник (20.01) и среда (21.01), кога се очекуваат врнежи од снег. Во овој период утринските температури ќе се спуштат до -4 степени, додека дневните едвај ќе достигнат 1 степен во среда.
Затоплување и дожд во последната недела од јануари
Веднаш по снежниот бран, од четврток (22.01) започнува постепен пораст на температурите. Крајот на работната недела ќе биде ветровито, но со температури во позитива.
Најтоплиот период од месецот се очекува меѓу 24-ти и 26-ти јануари, кога дневните температури ќе се искачат до 10 степени. Сепак, ова затоплување нема да донесе стабилност, бидејќи речиси во текот на целата последна седмица од јануари ќе преовладува облачно време со повремени врнежи од дожд.
Месецот ќе го заокружиме со променливо облачно време и температури помеѓу 1 и 7 степени, што укажува на тоа дека зимата во својот последен јануарски здив ќе биде повеќе влажна отколку екстремно студена.
