Свет

Еве кои се потенцијалните наследници на Ангела Меркел

Германија денеска гласа за составот на новиот Бундестаг, а резултатите од изборите ќе одлучат кој ќе седне на местото на Ангела Меркел, која по неверојатни 16 години ја напушта функцијата – канцелар.

Според анкетите, ниту еден потенцијален наследник на Ангела Меркел нема убедлива предност меѓу 62 милиони германски гласачи.

А еве кои се кандидатите:

  • Армин Лашет (ЦДУ/ЦСУ)

60-годишниот Армин Лашет е лидер на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на се уште актуелната канцеларка Ангела Меркел и премиер на индустриската провинција Северна Рајна-Вестфалија, најнаселениот регион во Германија.

Побожен католик, син на рудар, кој подоцна станал учител, и пораснал во близина на белгиско-холандската граница, каде што живее и денес.

Откако студирал право, се запишал на новинарство и извесно време работел како новинар. Тој бил избран за пратеник во Бундестагот во 1994 година, а во 1999 година за член на Европскиот парламент.

  • Олаф Шолц (СПД)

63-годишниот Олаф Шолц, заменик на Ангела Меркел и германски министер за финансии, е кандидат на Социјалдемократската партија за канцелар во Германија, а анкетите му даваат предност во оваа трка.

Тој пораснал во Хамбург, градот во кој беше градоначалник од 2011 до 2018 година, а неговите поддржувачи тврдат дека тој е одговорен за изградбата и напредокот на градот и дека е човек кој секогаш има план.

Својата кариера ја изгради како адвокат, посветен на работничките права и синдикалната поддршка. Тој беше член на Бундестагот од 1998 до 2011 година.

  • Аналена Бербок (Зелени)

Четириесет годишната Аналена Бербок е единствената жена во трката за наследник на Ангела Меркел, а во исто време е и првата кандидатка на Зелените за канцелар.

Баербок доаѓа од село во близина на градот Хановер, а студирала право и политика во Хамбург и Лондон и работела за Зелените во Европскиот парламент.

Како мало девојче, нејзините родители често ја носеле на протести против нуклеарното оружје, и според неа, таа првично сакала да биде воена репортерка.

На почетокот на годинава, според анкетите, имаше добра поддршка, но нејзината репутација беше разнишана откако беше обвинета за плагијат и лажење во нејзината биографија.

Во продолжение и досегашните канцелари на Германија:

  • Конрад Аденауер (ЦДУ) – од 1949 до 1963 година.
  • Лудвиг Ерхард (ЦДУ) – од 1963 до 1966 година
  • Курт Георг Кизингер (ЦДУ) – од 1966 до 1969 година
  • Вили Бранд (СПД) – од 1969 до 1974 година
  • Хелмут Шмит (СПД) – од 1974 до 1982 година
  • Хелмут Кол (ЦДУ) – од 1982 до 1998 година
  • Герхард Шредер (СПД) – од 1998 до 2005 година
  • Ангела Меркел (ЦДУ) – од 2005 година …
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни