Министерството за здравство, во соработка со Светската здравствена организација и УНИЦЕФ ја одбележува Европската недела на имунизација и по тој повод во сите здравствени домови и вакциналните пунктови низ државата се реализираат активности за потенцирање на важноста на имунизацијата.
Во текот на неделава, во здравствените домови се одржуваат предавања за важноста на имунизацијата и се вакцинираат на терен на пропуштените деца. Акцијата ќе се спроведува и во наредните две недели и интензивно ќе се имунизираат сите деца со пропуштение вакцини од редовниот календар за имунизација.
Оваа кампања го става акцентот на придобивките од вакцинацијата во текот на целиот животен век. Од најраната возраст до повозрасните години, вакцините обезбедуваат заштита од многу сериозни заболувања и придонесуваат за подобро здравје и благосостојбата во текот на целиот живот.
Европската недела на имунизација е воведена во 53 земји од Европскиот регион на СЗО во 2007 година, со цел зголемување на свесноста за важноста секое дете да биде заштитено од заболувања што може да се превенираат со вакцинација. Благодарение на вакцинацијата, спасени се милиони животи, а во изминатите 50 години таа директно придонела за намалување на смртноста кај доенчињата за 40% на глобално ниво.
Во европскиот регион, високиот опфат со редовна имунизација им овозможи на сите 53 земји да го одржат статусот на регион ослободен од полио, меѓу кои е и Македонија, и да постигнат или да остварат напредок кон елиминација на малите сипаници, рубеолата и хепатитис Б. Други некогаш чести заболувања, како што се дифтеријата и тетанусот, денес се драстично намалени.
-Нашата држава останува посветена на остварувањето на целите и таргетите утврдени во европската агенда за имунизација 2030, преку силна национална програма за имунизација што обезбедува еднаков пристап до рутинска и сезонска вакцинација, одржување на довербата во вакцините и висококвалитетен надзор над заболувањата. Ги повикуваме заедниците, здравствените работници и партнерите да продолжат заеднички да работат за унапредување на целите на европската агенда. Воедно апелираме за навремена заштита на сите деца, согласно календарот за имунизација за заштита на нивното здравје, како и здравјето на пошироката заедница, потенцира министерот за здравство Азир Алиу.
