Македонија

Европскиот парламент денес гласа за извештајот за Македонија

Европскиот парламент денес гласа за извештајот за Македонија

Европскиот парламент денеска во Стразбур ќе гласа за извештајот за напредокот на Македонија во процесот на пристапување кон Европската Унија, документ што ги содржи оценките за реформите и европската перспектива на земјата. Покрај извештајот за Македонија, европратениците ќе се изјаснат и за документите поврзани со Албанија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора.

Во пресрет на гласањето, известувачот за Македонија, Томас Вајц, истакна дека Западен Балкан со години бил изложен на влијанија од различни странски фактори, потсетувајќи на конфликтите што го одбележаа регионот во текот на деведесеттите години.

Тој оцени дека Македонија и Црна Гора се меѓу земјите кои успеале да избегнат масовно етничко насилство и нагласи дека Македонија има потенцијал да биде меѓу следните држави што ќе станат членки на Европската Унија.

„Да, можеме да кажеме дека земјата не ги спроведе реформите со посакуваното темпо, но исто така мора да признаеме дека и ние во Европската Унија дадовме ветувања што не ги исполнивме“, рече Вајц.

Според него, земјите кандидати покажуваат подготвеност за спроведување на реформите и затоа е важно нивните напори да бидат наградени преку постепена интеграција во европските политики, вклучително и во единствениот пазар, роамингот и европските платежни системи.

Вајц нагласи дека членството на земјите од Западен Балкан би донело значителни безбедносни и економски придобивки за Европската Унија. Тој додаде дека по Црна Гора и Албанија, Македонија може да биде следната земја што ќе направи исчекор кон членството.

Осврнувајќи се на прашањата поврзани со идентитетот и историјата, Вајц порача дека Европската Унија не бара усогласување на историските учебници ниту оспорување на националните идентитети како услов за пристапување.

„Меѓусебното почитување меѓу соседите е темел на соработката и добрососедските односи“, истакна тој, додавајќи дека Европската Унија треба да помогне во градењето доверба и подобрувањето на билатералните односи во регионот.

Во дебатата учествуваше и еврокомесарката за проширување Марта Кос, која порача дека е време земјите од Западен Балкан да бидат поблиску до Европската Унија и дека проширувањето претставува стратешка потреба за целиот континент.

Таа предупреди дека државите од регионот, како и Украина и Молдавија, се соочуваат со хибридни закани и обиди за нивно оддалечување од европскиот пат.

„Колку повеќе напредуваме во процесот на проширување, толку повеќе се зголемуваат нападите. Ако не успееме да ги интегрираме овие земји и да им помогнеме да се спротивстават на непријателските влијанија, други ќе го искористат тој простор против нас“, изјави Кос.

Таа повтори дека процесот на пристапување останува заснован на заслуги и исполнување на критериумите, без кратенки, но посочи дека Европската комисија работи на постепена интеграција на земјите од Западен Балкан во различни европски политики, меѓу кои и воведување бесплатен роаминг со земјите членки на Унијата.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни