Европскиот парламент денеска на пленарна седница во Стразбур го усвои Извештајот за напредокот на Македонија во процесот на пристапување кон Европската Унија, подготвен од известувачот за земјата, европратеникот Томас Вајц.
За извештајот гласаа 411 европратеници, 120 беа против, додека 120 се воздржаа.
Во документот се содржани низа оценки и препораки поврзани со реформскиот процес, европската интеграција и исполнувањето на преземените обврски од страна на Македонија.
Еден од клучните делови што остана во усвоениот текст е ставот 73, кој се однесува на работата на Заедничкиот мултидисциплинарен експертски комитет за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија.
Во него се повикува Комитетот да постигне „јасни и опипливи резултати“, при што работата треба да се темели на „објективни, автентични и докажани историски извори и документи“, согласно Вториот протокол кон Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете земји.
Во извештајот е задржан и концептот на „заедничка историја“. Вајц поднесе амандман со кој се бараше бришење на овој дел, но тој не беше усвоен. Против амандманот гласаа 338 европратеници, додека 126 го поддржаа.
Со тоа, во конечната верзија на извештајот остана директното повикување на Вториот протокол од Договорот меѓу Македонија и Бугарија.
Документот исто така ја повикува Македонија да ја спроведе обврската за уставни измени, како дел од процесот поврзан со европската интеграција.
Во усвоениот текст се најде и ставот 71, со кој се осудуваат обидите за промена на историски споменици и артефакти, како и уништување на автентично културно наследство. Во истиот дел се изразува жалење за, како што стои во извештајот, уништување и фалсификување на бугарски натписи.
Европскиот парламент во извештајот се осврнува и на потребата од отворање на архивите на поранешните југословенски тајни служби УДБА и КОС, кои се чуваат во Македонија и Србија.
Усвојувањето на извештајот претставува една од важните оценки на Европскиот парламент за напредокот на земјата кон ЕУ и за чекорите што Македонија треба да ги преземе во следниот период.