Свет

Европскиот совет повика на „хуманитарни коридори и паузи“ во Појасот Газа

Европскиот совет повика на „хуманитарни коридори и паузи“ во Појасот Газа

Лидерите на Европската унија вчера повикаа на „хуманитарни коридори“ и „паузи“ во конфликтот на Блискиот исток за да им се помогне на жителите на опколениот Појас Газа, кој веќе 20 дена е под немилосрдни напади од страна на израелските вооружени сили како одговор на крвавиот напад на Групата Хамас, објави Франс прес.

Според Хамас, над 7.000 луѓе загинале во Појасот Газа од 7 октомври во израелските бомбардирања, повеќето од нив цивили, меѓу кои и околу 3.000 деца. Израелските власти соопштија дека од почетокот на војната во Израел загинале 1.400 луѓе, вклучително и илјада цивили убиени на денот на нападот врз Израел.

Меѓународната заедница стравува од последиците од можната израелска копнена офанзива во Појасот Газа, каде меѓународната помош едвај пристигнува за 2,4 милиони жители кои паднаа во катастрофални хуманитарни услови, забележува АФП.

Европските лидери на вчерашниот самит во Брисел изразија „загриженост“ за влошената хуманитарна ситуација во Газа и повикаа да се создадат „хуманитарни коридори“ и „паузи“ за да се задоволат потребите на населението. Дваесет и седумте, исто така, ја изразија својата поддршка за организацијата на „меѓународната мировна конференција“ што ќе се одржи „наскоро“.

Додека лидерите на ЕУ силно го осудија нападот на Хамас, тие се мачеа да се држат до конзистентна порака, при што некои го нагласуваат правото на Израел на самоодбрана, а други грижата за палестинските цивили, објави Ројтерс.

Разликите меѓу лидерите беа јасни веднаш штом пристигнаа на самитот. „Израел е демократска земја која се води од многу хуманитарни принципи и затоа можеме да бидеме сигурни дека израелската армија ќе ги почитува правилата кои произлегуваат од меѓународното право во сè што прави“, изјави германскиот канцелар Олаф Шолц. „Не се сомневам во тоа.

Забелешките на Шолц беа остро контрастни со коментарите во последните денови на шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, кои рекоа дека целосната блокада на Газа и нападите врз цивилната инфраструктура веќе се во спротивност со меѓународното право.

Пред самитот, дипломатите со денови дебатираа дали да повикаат на „хуманитарна пауза“ или „паузи“.

Земјите како Франција, Холандија, Шпанија, Португалија, Белгија и Ирска ги поддржаа повиците на ОН за хуманитарен прекин на конфликтот.

Но, други како Германија, Чешка и Австрија се спротивставија, тврдејќи дека таквата мерка може да ја ограничи способноста на Израел да се брани и да му дозволи на Хамас да се прегрупира, според дипломатите.

Компромисот за множина „паузи“ имаше за цел да сигнализира кратки паузи во непријателствата за мисиите како што се ослободување заложници или влегување на хуманитарни конвои, наместо формален прекин на огнот, велат дипломатите.

Тоа беше првиот Европски совет по нападот на 7 октомври, кога стотици борци од исламистичкото движење се инфилтрираа на израелска територија од Појасот Газа во напад од невидена сила и размери од создавањето на Израел во 1948 година.

Според израелската војска, 224 заложници – Израелци, двојни државјани или странци – биле киднапирани за време на тој напад на Хамас, кој досега ослободи четири жени. Семејствата на заложниците синоќа во Тел Авив предупредија дека трпението им е при крај и побараа тие да бидат прифатени од владата. „Владата молчи дваесет дена, се` правиме сами“, се пожали таткото на киднапираниот израелски војник.

Хамас вчера објави список со околу 7.000 имиња на Палестинци за кои тврди дека се убиени во Појасот Газа од почетокот на војната, откако американскиот претседател Џо Бајден во вторникот го доведе во прашање кредибилитетот на групата. Запрашан за ова, портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, рече дека нема да го „спори“ фактот дека се убиени неколку илјади Палестинци. Но, тој додаде дека „не треба да се потпираме“ на бројките презентирани од Министерството за здравство на Хамас.

Во средата вечерта, израелската армија изврши „цеден напад“ со тенкови во северниот дел на Појасот Газа, вовед во копнената офанзива ветена неколку пати, вклучително и во средата вечер од премиерот Бенјамин Нетанјаху, кој се закани дека ќе го „уништи „Хамас. За време на операцијата, војниците погодија „многу терористи, нивната инфраструктура и позиции за лансирање на противтенковски ракети“ пред „да ја напуштат областа“, соопшти армијата.

Копнената офанзива би била исклучително опасна на оваа густо населена територија, преполна со тунели каде Хамас крие оружје и борци и држи заложници.

Сиромашниот 362 квадратни километри Појасот Газа е под израелска копнена, воздушна и морска блокада откако Хамас ја презеде власта таму во 2007 година. Од 9 октомври, Израел го стави под „тотална опсада“, прекинувајќи го снабдувањето со вода, електрична енергија и храна. Сателитските снимки објавени вчера го покажуваат обемот на уништувањето, при што цели населби се израмнети со земја од бомбардирањето.

Од 15 октомври израелската армија го повика населението од северниот дел на Појасот Газа, каде што бомбардирањето е најинтензивно, да се евакуира на југ. Според податоците на ОН, најмалку 1,4 милиони Палестинци ги напуштиле своите домови од почетокот на војната. Но, израелските сили продолжуваат да го напаѓаат јужниот дел, во близина на границата со Египет, каде што се собрани неколку стотици илјади цивили. „Ниту едно место во Газа не е безбедно“, изјави вчера Лин Хестингс, хуманитарен координатор на ОН за палестинските територии.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни