Европските индекси во благ пораст: Нафтата Брент 98 долари

Европските берзански индекси денеска бележат претежно благ раст, откако американскиот претседател Доналд Трамп го продолжи двонеделното примирје меѓу САД и Иран. Во меѓувреме, цената на нафтата Брент се движи околу 98 долари за барел.

Трамп во објава на својата социјална мрежа Truth Social наведе дека примирјето, кое претходно требало да заврши во среда, ќе трае сè додека иранските лидери не достават заеднички предлог за завршување на конфликтот со САД и Израел. Тој оцени дека владата во Техеран е „сериозно поделена“ по ова прашање.

Според податоци од берзите во 9:30 часот, цената на суровата нафта паднала за 0,91% на 88,850 долари, додека нафтата Brent се намалила за 0,65% на 98,012 долари.

Европските фјучерси за гас за мај на отворањето на амстердамската берза TTF се тргувале по цена од 43,3 евра за мегават-час.

На берзите, индексот DAX на франкфуртската берза пораснал за 0,29% на 24.355,53 поени, францускиот CAC 40 за 0,05% на 8.239,49 поени, московскиот MOEX за 0,19% на 2.763,16 поени, додека британскиот FTSE 100 паднал за 0,09% на 10.489,74 поени.

На движењето на FTSE 100 влијаеле и податоците за зголемување на инфлацијата во Обединетото Кралство на 3,3% во март.

На девизниот пазар, еврото денеска вреди 1,17493 долари во однос на американскиот долар.

Цената на златото пораснала на 4.763,12 долари за тројска унца, а пченицата на 6,0968 долари за бушел (1 бушел = 27,216 кг).

Американските берзански индекси на затворањето во вторникот забележаа пад: Dow Jones за 0,59% на 49.149,38 поени, S&P 500 за 0,63% на 7.064,01 поен, а Nasdaq за 0,59% на 24.259,96 поени.