Европското јавно обвинителство подигна обвиненија против четворица актуелни грчки пратеници во рамки на скандалот со злоупотреби на европски земјоделски субвенции преку ОПЕКЕПЕ, грчката агенција што ги администрира исплатите, објави државната телевизија ЕРТ.
Обвиненијата се насочени кон пратениците од владејачката „Нова демократија“ — Катерина Папакоста, Максимос Сенетакис, Костас Скрекас (кој беше и министер во неколку влади) и Христос Букорос. Против Сенетакис, Скрекас и Букорос се поднесени обвиненија за поттикнување на злоупотреба, а против Папакоста и за поттикнување на давање лажни податоци и измама.
За останатите седум пратеници опфатени со предметот не биле утврдени доволно докази за кривично гонење. Во април, по барање на Европското јавно обвинителство, грчкиот парламент го укина имунитетот на 11 актуелни пратеници од „Нова демократија“. Истрагата продолжува и против тројца поранешни пратеници.
На почетокот на јули, двајца поранешни високи службеници на ОПЕКЕПЕ добија затворски казни од по пет години и осум месеци за прикривање кривична дејност и неизвршување службени должности. Минатата година Европското јавно обвинителство обвини десетици грчки сточари дека фалсификувале документи за сопственост на пасишта за да побараат милиони евра субвенции од ЕУ. Скандалот доведе до министерски оставки, а Европската унија ѝ изрече високи глоби на Грција.