По повеќе од две децении, евробанкнотите добиваат целосно нов изглед. Крајот на април годинава е рокот за меѓународниот конкурс за дизајн на идната серија, со што официјално започнува клучната фаза на промената која ќе ги одбележи следните години во Европа.
Европската централна банка (ЕЦБ) го започна процесот на модернизација на дизајнот со цел банкнотите подобро да го одразуваат современиот европски идентитет и заедничките вредности. Новата серија ќе ги задржи шесте апоени – од 5 до 200 евра, додека банкнотата од 500 евра дефинитивно нема да се врати во оптек.
Дизајнерите имаа задача своите решенија да ги базираат на две тематски целини: европска култура и реки и птици.
Откако стручна жири-комисија ќе избере до десет најдобри решенија, во процесот во текот на 2026 година ќе бидат вклучени и граѓаните преку јавни консултации. Крајната одлука за новиот изглед се очекува до крајот на оваа година.
Иако производството и воведувањето во оптек ќе трае уште неколку години, целта е новите банкноти, покрај естетиката, да ги задржат највисоките стандарди на безбедност и еколошка одржливост.
