Македонија

Фатиме Фетаи контра Верушевски: Во судница за „бомбите“ никој не вели дека се сечени, лепени, монтирани

Исказот на поранешниот шеф на тајните служби, Зоран Верушевски, на рочиштето за „Таргет-Тврдина“ дека „бомбите“ се модифицирани и компромитирани, нема да влијае воопшто врз нивната автентичност,  ниту врз судските постапки на Обвинителството. Ова го изјави поранешната специјална обвинителка Фатиме Фетаи, а сега обвинителка во редовното обвинителство, пред денешното рочиште за случајот „Насилство во Општина Центар“. Со овластување на републичкиот обвинител Фетаи продолжува да ги застапува предметите.

Според неа, исказот на Верушевски за „бомбите“ не е завршен. На 10 октомври продолжува распитот од страна на судот, кога нештата би требало да станат појасни, вели Фетаи.

-Прислушуваните материјали како доказ се признати и поткрепени со материјални и вербални докази. Според мене, изјавата на сведокот Верушевски нема да влијае на автентичноста на овие докази, ниту на постапките што се водат во врска со нив. Прочитав дека изјавил и оти бомбите биле модифицирани и компромитирани. Никогаш во судница обвинетите не ја кажале онаа фраза: „сечени, лепени, монтирани“, што ја кажуваа во медиумите, рече Фетаи пред денешното рочиште за „Насилство во Центар“ во Кривичниот суд.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни