Службата на ФИФА за заштита на социјалните мрежи (SMPS), која ги штити играчите, репрезентациите и официјалните лица од закани и злоупотреби на интернет, открила повеќе од седум милиони потенцијално штетни или навредливи објави за време на Светското првенство, соопшти во саботата светската фудбалска организација.
Од ФИФА наведуваат дека бројот на откриени спорни објави е дури 14 пати поголем во споредба со Светското првенство во 2022 година, кога биле отстранети околу 470.000 такви содржини.
Тимот на SMPS прегледал повеќе од 500.000 пораки кои претходно биле издвоени со помош на вештачка интелигенција, а биле насочени кон играчи, тренери и официјални лица за време на актуелниот турнир.
ФИФА соопшти и дека до надлежните институции, вклучително и полицијата и други органи за спроведување на законот, биле пријавени повеќе од 1.000 закани.
Од почетокот на Светското првенство биле модерирани повеќе од 53 милиони објави и коментари на социјалните мрежи. Турнирот ќе заврши во недела со финалниот натпревар меѓу Аргентина и Шпанија.
Претходно овој месец, ФИФА објави дека расистичките навреди сочинуваат околу 11 отсто од сите навредливи пораки што досега биле откриени за време на Светското првенство.