Со оваа партиска структура во власта, со лажна кампања европскиот пат запре, младите се иселуваат, вадат бугарски пасоши, така ВМРО го остварува националниот интерес, нагласи претседателот на СДСМ и претседател на Националниот Совет за евроинтеграции, д-р Венко Филипче, во одговор на прашање на денешната Национална дебата за улогата на Собранието во процесот на пристапување во ЕУ – „Гласот на граѓаните во Собранието“, организирана од Институтот за европска политика (EPI). Филипче посочи дека оваа власт со политиките кои што ги води јасно покажува дека не сака државата да оди напред кон Европа, затоа што не сака контрола од европските институции.
Во продолжение е интегралниот одговор на Филипче:
„Со оваа нова партиска структура во власта, европскиот пат запре. Со лажна кампања им презентираа на граѓаните дека сè што е на маса ставено како договор со Европа е национално предавство, а тоа не е вистина. Зошто се граѓаните на анкетите и точно е тоа против уставните измени? Затоа што стравуваат дека тоа е нешто лошо. Еве и вас ви го поставувам прашањето од што стравуваат? Каков е тој ризик по јазикот, по идентитетот, по културата, по фолклорот, бугарското и хрватското малцинство да бидат ставени во Уставот? Никаков. Ама успеа во 2024 година со силна пропаганда, со партиски контролирани медиуми под контрола на ската меѓу Будимпешта, Белград и Скопје, да го продадат Европскиот пат како национално предавство.
Ништо од тоа не е вистина. Ние имаме потпишано договор на македонски јазик со Европската Унија, со сите земји членки, на чист македонски јазик, нема фуснота, нема ѕвездички, нема објаснувања, ништо. Како е загрозен јазикот?
Луѓето мора да знаат дека во позадина на блокирањето на овој европски пат се само интересите на оваа власт, да нема никаков прогрес за може да владее без контрола, да прави притисок врз правосудството. Кој премиер кажува и управува со обвинители судии, дискредитира од јавна говорница и кажува какви чувства има во Европа. Кој премиер го прави тоа? Каде има јавен сервис под контрола на партиски човек на МТВ? Каде има ваков систем на партизација на институции? Не го сакаат тоа луѓето, не го сакаат.
Младите се спремаат да заминат. Младите се спремаат да се иселат, се повеќе. Секој ден имам контакт со млади луѓе, студенти, специјализанти на факултет, 90% се спремаат да одат во Германија, и да бараат бугарски пасоши. Е, тоа е националната политика на ВМРО-ДПМНЕ. Така ги остваруваат тие националните интереси.
Треба да се направи чекорот што е наш договор со Европа, да се направат уставните измени и после тоа да се почнат преговорите по поглавјата, е тогаш да се стави фокус на работата во Собранието. Сите кажуваат имаме инфраструктура, тела спремни итн. Ама џабе е формата ако немате суштина. Џабе е формата ако нема политичка волја за тоа.
После промената на Уставот по којшто еве вие кажете што загрозува, што загрозува таа промена на Устав? Ништо, буквално ништо. Ниту една идентитетска одредница. Така што, факт е дека оваа власт не сака напред кон Европа затоа што не сака контрола од европските институции. Кога ќе почне патот се знае кој е. Имаме примери од Бугарија, од Хрватска, од другите земји. Гледаме како тие земји се трансформираа благодарение на Европа, се отворија после отворањето на поглавјата европските фондови. Меѓу 50-80% се парите што доаѓаат од Европа, од структурните фондови за подобрување на инфраструктура, градинки, училишта, болници итн.
Така повеќе остануваат пари во нашиот буџет за социјалната, за платите, за пензиите. Тоа е механизмот. Инаку, како ќе најдете други средства? Не постои друг извор на средства. На крајот на краиштата, испративме ние предлог декларација која што јасно пишува дека за јазик, идентитет, култура, не се разговара. Ама уставните измени коишто ништо не загрозуваат, ама буквално ништо, а не држат тука место, мора да се направат“, рече Филипче.
