Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, најави целосна консолидација и кадровско освежување на партијата кое ќе се официјализира овој вторник. Во гостувањето на Телевизија Сител, тој демантираше дека е осамен на „Бихаќка“ и најави формирање на „нова сила“ составена од комбинација на искусни и млади кадри.
Според Филипче, процесот на промени влегува во финална фаза. „Оставките не се констатирани, тие ќе се констатираат во вторник. Тогаш ќе се изберат новите потпретседатели и новите членови на Извршниот одбор. Практично, создаваме една нова сила во партијата“, изјави Филипче.
Списокот е готов, но се чува во тајност
На прашањето дали веќе ги има имињата на новите соработници, претседателот на СДСМ потврди дека списокот е веќе подготвен, но побара трпение од јавноста до вторник за официјалното објавување.
Во однос на актуелните функционери и нивната иднина, Филипче истакна дека во партијата постои висок степен на политичка свест. „Другарите и другарките покажаа дека апсолутно никој не е заинтересиран по секоја цена да задржи партиска функција. Сите тие се почитувани членови и верувам дека ќе го дадат својот придонес и без функција“, рече тој.
Фронт против „репризата на Груевски“
Филипче најави дека новиот состав ќе отвори широк фронт против, како што ја нарече, „широката корупција на власта“, вклучувајќи и соработка со граѓанските организации.
Тој упати остри критики кон владејачкото мнозинство, обвинувајќи ги за обид за враќање на минатото.
„Имаме власт која сака да го репризира владеењето на Никола Груевски, да не стави во мрак и надвор од Европа. Ние тоа нема да го дозволиме. Мора да ставиме крај на оваа криминална власт“, порача Филипче.
