Македонија

Филипче: Вештачка интелигенција ќе ги проверува имотните листови на функционерите

Филипче: Вештачка интелигенција ќе ги проверува имотните листови на функционерите

Фронтот за вистина и правда најавува целосно нов систем за борба против корупцијата, базиран на европски модели, дигитална транспарентност и вештачка интелигенција по промена на власта во Македонија.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес конференција порача дека корупцијата и криминалот се најголема закана за иднината на државата и објавувајќи широк Фронт за вистина и правда.

Тој најави дека еден од клучните столбови на фронтот ќе биде Законот за нулта толеранција за корупција и целосна дигитална транспарентност.

„Денес го објавувам фронтот за истина и правда кој го сочинуваат опозициски партии, граѓански организации, невладини организации, видни интелектуалци, поединци, независни активисти, млади, сите обединети околу вредностите за Европска Македонија“, рече Филипче.

Во рамки на законските решенија, Филипче најави и целосен дигитален систем за контрола на имотот на функционерите со користење на вештачка интелигенција.

„Задолжителна електронска декларација на имот, која што ќе се обработува со систем на вештачка интелигенција. Од премиер до најнизок функционер на локално ниво, семејството, го пријавуваат целиот имот, сметки, акции и подароци над 100 евра“, потенцираше Филипче.

Тој објасни дека системот автоматски ќе ги споредува пријавените податоци со реалните примања на функционерите.

„Вештачка интелигенција, системот кој ќе се користи, ги споредува со примањата. Лажна или нецелосна декларација ќе биде предмет на кривична одговорност. Моделот е естонски, плус модел кој што се имплементирал во Сингапур“, рече Филипче.

Ова е гаранција дека конечно ќе има вистинска правда и одговорност.

„Ова не е само закон, ова е гаранција дека корупцијата ќе има име и презиме и датум на суд. Секој кој го прекршил законот ќе одговара“, порача Филипче.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни