За поврзаноста со „Рекет“ и блискоска со Јовановски пред обвинителката Вилма Рускоска исказ даде и Лила Филиповска. По околу еден час таа го напушти обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, но не сакаше да даде коментар.
Откако не одговори на новинарските прашања само нè поздрави.
Половина час по Филиповска, кај Рускоска пристигна и битолскиот бизнисмен Силјан Мицевски кој при влегувањето во обвинителството „фрли“ нова светлина во јавноста околку истрагата. Рече дека парите ги уплатил на „Меѓународен сојуз Скопје“, а не на пензионерката со идејата за изградба на модерен европски центар за возрасни лица.
За модерните европски центри Боки 13 пари успеал да извлече и од други компании. Една од нив е и струшката „Дрим билдинг“ која исто така сега си ги бара 233.000 евра кои ги уплатиле на потпретседателката на „Меѓународен сојуз – Скопје“, Јасна Мандиќ преку авторски договор.
Струшката компанија била единствена која му дала и рок на Боки 13 од 120 до 180 денови за обезбедување на сите документи за отпочнување на градба. Сојузот требало да обезбеди локација, проект и одобрение за градба, но рокот поминал па стружаните почнале да си ги бараат парите назад со пресметани казнени пенали, вкупно 350 илјади евра.
Боки 13 бил сигурен дека ќе гради комплекси. И во Охрид, и во Битола и во Скопје се обидувал да дојде до ексклузивни и скапи локации. За состанокот кој го имал со градоначалничката на Битола, Наташа Петровска потврди и премиерот Заев од собраниската говорница. Бојан Јовановски беше уапсен на 15 јули на граничниот премин Богородица при обид да ја напушти државата, со торба евра. Со него биле Филиповска и вработена во телевизијата на Јовановски 1ТВ. Во истрагата „Рекет“, која почна со апсењето на Јовановски, досега има тројца осомничени и сите се во притвор. Меѓу нив е и специјалната обвинителка Катица Јанева. Дента кога се апсеше Боки 13, лишен од слобода беше и второосомничениот Зоран Милески – Кичеец.