Финскиот министер за надворешни работи Пека Хаависто изјави дека неговата земја е подготвена да преземе дополнителни мерки против забранетата турска Курдистанска работничка партија (ПКК) и да добие дополнителни информации од Анкара за членовите на оваа организација, јави денеска турската телевизија ТГРТ.
Подготвени сме да преземеме дополнителни мерки против ПКК и да добиеме информации за тоа од Турција. За прашањето за предавање на осудените терористи на Турција, ќе се водиме според нашето законодавство, рече Хаависто, цитиран од турскиот ТВ канал.
Во изјава за Anadolu Agency во неделата, шефот на финското Министерство за надворешни работи рече дека „секако ќе се воспостави соработка со турските власти во блиска иднина за да се добијат дополнителни информации за поединци и групи“.
Многу разговаравме за ова со Турција. Имаме заедничка визија за ПКК. Тоа е терористичка организација која е забранета и во Финска и во Шведска. И, се разбира, ние сме подготвени да преземеме дополнителни мерки против неа и отворени сме да добиеме какви било информации од Турција за ова прашање“, рече Хаависто.
Тој објасни и дека меморандумот потпишан во Мадрид меѓу Финска, Шведска и Турција „не може да ги промени националните закони“ во областа на борбата против тероризмот, туку подразбира соработка на ова поле.
Истовремено, Хаависто посочи дека Финска и Турција не разговарале за екстрадиција на конкретни лица или групи за време на преговорите на самитот на НАТО во Мадрид, пренесе Ројтерс.
Финска и Шведска поднесоа апликации за членство во НАТО на 18 мај. Очекувано, тие требаше да добијат покана да се приклучат на самитот на Алијансата во Мадрид, но ветото на Турција го блокираше тој процес. На 28 јуни во Мадрид се одржаа разговори меѓу турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, финскиот претседател Саули Ниинисто, шведската премиерка Магдалена Андерсон и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, кој ги иницираше. Разговорите резултираа со потпишување на меморандум со кој им се дозволува на Стокхолм и Хелсинки да се приклучат на НАТО, земајќи ја предвид загриженоста на Турција, вклучително и извозот на оружје и борбата против тероризмот.
