По осми пат по ред, Финска е прогласена за најсреќна нација во светот според последниот извештај на World Happiness Report. Иако Финците не се меѓу најбогатите или најотворените нации, нивното задоволство од животот е високо благодарение на силниот систем на социјална заштита и високото ниво на доверба во институциите.
„Тие се богати, здрави, имаат социјални врски, социјална поддршка и контакт со природата. Не се луѓе што танцуваат на улица, но се многу задоволни од својот живот“, објаснува Јан-Емануел Де Неве, професор по економија на Универзитетот во Оксфорд и уредник на Извештајот за светска среќа.
На врвот на листата годинава се најдоа и другите нордиски земји: Данска, Норвешка, Исланд и Шведска. Меѓу 10-те најсреќни нации се вбројуваат и Холандија, Луксембург, како и годинава за првпат Костарика, Мексико и Израел.
Во спротивно, САД бележат пад на 24 место, најниско од 2012 година. Една од главните причини за намалувањето на среќата е осаменоста, особено кај младите, кои почесто јадат сами и помалку се поврзани со заедницата.
Според Де Неве, нордиските земји покажуваат дека растечката економија ги подига сите бродови – нееднаквоста е мала и тоа позитивно се одразува на благосостојбата. Финците, како пример, најчесто се оценуваат со седум или осум на скалата на среќа и задоволство.
Среќата во Финска не се мери со постојана еуфорија, туку со чувство на сигурност, благодарност и доверба во другите. „Луѓето си веруваат едни на други и на институциите, системот создава чувство дека можете да се потпрете на него“, вели Александра Пет од Хелсинки.
Експертите потенцираат дека вистинската среќа се гради од комбинација на економска сигурност, квалитет на живот, доверба во институциите и чувство на припадност, а не само од материјално богатство.
