Физички пресметки се случиле во основното училиште „Лазо Ангеловски“ минатиот месец во општина Аеродром. Родителите до ТВ21 се пожалија дека тоа не е во ред во едно училиште да има физички пресметки. Не сакаа да зборуваат јавно пред камерата, но апелираат нивните деца да бидат заштитени.
„Во основното училиште „Лазо Ангеловски“ во општина Аеродром пред неколку недели според родителите имаше инцидент каде беше вмешан и директорот Перо Арсеновски. Тој ова го негира и не сака да зборува пред камера“, вели репортерот на ТВ21 од терен.
Директорот на училиштето Перо Арсеновски не сакаше да разговара официјално, но вели дека не знае за инцидентот.
„Нема такво нешто. Не се случил никаков инцидент“, изјави Арсеновски.
Но, ваков инцидент е пријавен и регистриран во МВР. Од таму велат дека според пријавеното, причина за физичките напади, се меѓусебни семејни недоразбирања.
„На 13.09.2019 во 14.51 часот во Полициската станица Аеродром, А.Б.(30) од Скопје пријавила дека околу 15.00 часот во училиште на бул.„Видое Смилевски Бато“ била физички нападната од Б.А.(21) од Скопје. Подоцна, во 18.00 часот во полициска станица, А.Б. пријавила дека околу 16.00 часот во истото училиште била физички нападната и од С.А.(57) од Скопје. Исто така, во Полициската станица Аеродром, С.А. пријавила дека околу 16.00 во училиштето била физички нападната од М.Б.(37) од Скопје, велат од МВР.
Според очевидци на настанот, ќерката на директорот кога пристигнала во неговата канцеларија, го затекнала со женска личност. Била изреволтирана од глетката, и го нападнала директорот, односно нејзиниот татко додека се движеле по скалите. Сето тоа се случувало пред очите на неколку ученици.
Истиот ден, само неколку часа подоцна, според записникот на МВР имало уште еден инцидент. Неофицијално, според наши информации, се вклучил и синот на директорот, кој ја нападнал девојката која била во канцеларијата на директорот претходно, а која исто така е вработена во учичиштето.
Од МВР додаваат дека случајот е расчистен и поднесени се прекршочни пријави за сите инволвирани по член 12 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир.