ФОТО Фотографот Боби Кузманоски создаде уникатна сончева аналема над Скопје по едногодишен проект

Фотографот Боби Кузманоски го реализираше својот долгогодишен проект – создавање на фотографија од сончева аналема над Скопје, со панорамата на градот во позадина.

Сончевата аналема претставува редок астрономско-визуелен феномен при кој Сонцето, фотографирано од иста позиција и во исто време во текот на подолг временски период, на небото исцртува форма слична на бројот осум.

Кузманоски го започнал проектот со редовно фотографирање на Сонцето од една фиксна локација во Скопје, еднаш неделно, во текот на цела година. Во процесот, се соочил со предизвици поврзани со временските услови и техничките прилагодувања на снимањето.

Во текот на периодот, неколку пати облачноста го спречила снимањето, што подоцна е визуелно рефлектирано во конечната композиција преку послабо изразени точки на траекторијата на Сонцето.

Дополнителен предизвик претставувале промените на летното и зимското сметање на времето, поради што фотографирањето било прилагодувано за да се задржи конзистентноста на позицијата и условите на снимање.

По завршувањето на едногодишниот циклус, добиена е финална фотографија на која се гледа движењето на Сонцето низ годишните времиња над Скопје – визуелен спој на урбаниот пејзаж и природниот ритам.