Македонија

ФОТО Градоначалникот на Делчево објави слика од аеродром и напиша дека е решен проблемот со водоснабдувањето

ФОТО Градоначалникот на Делчево објави слика од аеродром и напиша дека е решен проблемот со водоснабдувањето

По повеќе од 24 часа интензивна работа, целосно е саниран дефектот на главната водоводна линија во Делчево, а водоснабдувањето во градот постепено се нормализира, информираше градоначалникот Иван Гоцевски на својот Фејсбук профил со фотографија од аеродром.

Тој преку објава на социјалните мрежи соопшти дека водата повторно е пуштена во водоводната мрежа по полноќ, откако екипите успеале да го отстранат сериозниот дефект на главниот доводен цевковод.

„По 24 часа работа на дефектот на главната водоводна линија, синоќа по полноќ, Делчево доби вода во водоводната мрежа. Дефектот е целосно саниран и водоснабдувањето постепено се нормализира“, напиша Гоцевски.

Градоначалникот изрази благодарност до граѓаните за трпението и разбирањето во текот на интервенцијата, оценувајќи дека станувало збор за сложен зафат кој барал голема ангажираност и стручност.

Посебна благодарност упати до екипите на ЈКП „Брегалница“, пожарникарите од ТППЕ Делчево, волонтерите на Црвениот крст и компаниите кои помогнале во снабдувањето на граѓаните со вода додека траеше прекинот.

„За целиот вложен труд и максималната вложеност во отстранување на дефектот, ќе иницирам постапка за доделување награди и признанија на работниците кои овозможија Делчево да има вода“, најави Гоцевски.

Признанијата, како што посочи, ќе бидат доделени по повод празникот на градот – 7 Септември.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни