Овогодинешното божиќно украсување во Добрич, Бугарија предизвика жестока полемика на социјалните мрежи. Мислењата се претежно критички и нагласуваат дека декорацијата не е доволна и не е раскошна.
„Општина Добрич не платила 29.000 лева (околу 15 илјади евра) за украсување на елката. Префрлени се авансни средства во износ од 60% од цената. Остатокот од сумата нема да се исплати бидејќи компанијата не ја исполнила задачата и елката не изгледа како што било претставено во понудата. Апсолутно ги прифаќам критиките на граѓаните за тоа како изгледа елката“, изјави градоначалникот на Добрич Јордан Јорданов.
„Решивме да вложиме повеќе пари во новогодишни украси во 2024 година, бидејќи со текот на годините често трпевме критики дека општина Добрич не троши доволно за новогодишни украси и не создава божиќно расположение. Навистина, неколку години поставуваме речиси иста новогодишна декорација, токму за да не трошиме пари. Во исто време, сепак, ние сме децидни дека децата и граѓаните на Добрич заслужуваат да имаат божиќно и новогодишно расположение и прослава. Затоа ја баравме најдобрата можна опција и решивме годинава да издвоиме повеќе средства за нови украси“, додава градоначалникот.
Градските советници упатија многу критики и за тоа што традиционалниот празничен базар и елката од центарот на градот беа преместени во паркот, иако се санира централниот градски дел и се менува тротоарот.
Општина Добрич ќе бара обештетување од изведувачот. Градоначалникот Јорданов нареди внатрешна истрага, која треба да утврди зошто не била вршена доволна контрола врз фирмата изведувач. Ќе бидат изречени казни за виновните службеници.
