Попладнево на автопатот Велес–Скопје, автобус со прилепски регистарски таблички се запалил во близина на наплатната станица Отовица. Благодарение на брзата реакција, сите патници навреме го напуштиле возилото и нема повредени.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, веднаш по пријавата на терен биле испратени екипи на Територијалната противпожарна единица, како и полициски службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Велес.
Пожарот избувнал додека автобусот се движел по автопатот, а причините за инцидентот засега не се познати. Надлежните служби работат на целосно локализирање на пожарот и расчистување на местото.
Поради интервенцијата и безбедносните мерки, сообраќајот на овој патен правец е привремено во прекин.