ФОТО Уапсен шеф на мафијата во Италија

Италијанската полиција соопшти дека е уапсен еден од најбараните мафијашки шефови во Италија . Роберто Мацарела го предводи „кланот Мацарела“, кој е дел од криминалната организација Камора. Кланот се смета за еден од најмоќните во групата и контролира значителен дел од шверцот и трговијата со дрога во Неапол. Според италијанското Министерство за внатрешни работи, мафијашкиот шеф бил откриен и фатен со своето семејство во вила. Тој не се спротивставил на апсењето.

За време на претресот беа пронајдени рачно напишани документи, кои веројатно ги содржат финансиските записи на кланот. Мацарела е рангиран на четвртото место на листата на најбарани мажи во Италија.

Потсетуваме дека кон средината на февруари, италијанската полиција уапси речиси 150 лица во голема операција против сицилијанската мафија во Палермо, чии области се уште се во рацете на влијателните кланови на Коза Ностра. Издадени се налози за апсење за вкупно 183 лица, од кои 36 веќе се приведени, за кривични дела, вклучувајќи мафијашко злосторничко здружување, обид за убиство, изнуда, трговија со дрога и нелегално коцкање, соопшти полицијата. Повеќе од 1.200 полицајци учествуваа во рациите во утринските часови, кои според медиумските извештаи беа најголемата операција против Коза Ностра од 1984 година.