Исклучено е осветлувањето на зградата на Владата, со цел да се штеди струја.
На владина седница на 16 август Владата донесе низа мерки и препораки за штедење на струја.
Пред нас е една од најтешките зими на енергетски план, не само за нас, туку и за сите земји во регионот, како и во Европа. За полесно да се справиме со она што не очекува, за непречено снабдување со електрична енергија, рационално трошење и пониски сметки, подготвивме план и препораки за заштеда на струја. Мерките се поделени во повеќе категории, зависно дали се работи за домаќинства, компании или објекти, институции и претрпијатија во државна сопственост“, рече тогаш министерот за економија Крешник Бектеши.
Исклучување на декоративното осветлување на фасадите на јавните објекти и културните споменици, гаснење сијалици кога има доволно дневна светлина, ладење со клими на не пониско од 27 степени и греење на не повисоко од 20 степени, исклучување на компјутерите по работата, редовно менување на филтрите на грејните тела и клима уредите, печатење само на потребните материјали, замена на прозорците со енергетски ефикасни, се само дел од задолженијата за државните институции.
На домаќинствата им се препорачува вклучување бојлер само кога има потреба од топла вода и по можност на евтина струја, разумно користење на грејните тела, рационална употреба на сијалици и користење повеќе дневно светло, изолирање на таваните, надворешните ѕидови и прозорците,…
За бизнис заедницата укажувањата се: да се исклучи декоративното осветлување на фасадите на сите објекти, да не се користи осветлување во внатрешните простории, халите и канцелариите во објектите во период кога има доволно дневна светлина, рационално греење и ладење со клима уредите, редовно менување на филтрите на грејните тела и клима уредите, инсталирање интелигентни системи за управување во електромоторните погони, замена на старите сијалици со компактни флуоресцентни, примена на нови технологии во подобрување на енергетските перформанси на индустриските постројки,…
Ако не се постигне целта за 15 проценти заштеда на струја, Бектеши најави дека ќе следуваат санкции за раководителите на институциите согласно со етичкиот кодекс.
На 15.ти секој месец, почнувајќи од овој месец, сметките за струја на државните институции ќе бидат јавно објавувани. Целта е, не само граѓаните да имаат увид во потрошувачката, туку и да се знае дали се испочитувани владините задолженија за заштедата. Извештаите на институциите за потрошената електрична енергија ќе ги објавува Министерството за економија.

