По 12 случаи минатата година кои резултираа со најмалку еден смртен случај, високи официјални лица во југоисточна Франција рекоа дека повикуваат околу 56.000 млади луѓе да добијат вакцина против менингитис.
Алармантниот број на случаи на менингокок Б може да е поврзан со нова варијанта на бактеријата која ја инфицира мукозната мембрана на мозокот и ‘рбетниот мозок или крвта, пренесува БГНЕС.
„Менингитисот е сериозна болест која може да доведе до траен инвалидитет или дури и смрт“, рече д-р Ен-Софи Роно-Барон од здравствената агенција АРС за регионот Оверњ-Рона-Алпи.
„Затоа испративме 56.000 писма до младите на возраст од 16 до 24 години – населението најмногу погодено од варијантата – и до родителите на новородените деца до двегодишна возраст, како дел од кампањата за масовна вакцинација“, рече таа.
Последните два случаи беа откриени на крајот на јули, со што бројот на пациенти во четири локални одделенија (Савоа, Аин, Рона и Исер) се искачи на 12.
Иако еден млад човек почина, „во оваа фаза нема посебни индикации дека оваа варијанта е поопасна или позаразна“ од другите, рече Рогно-Барон.
Менингококната бактерија Б се шири преку продолжен контакт со носител или преку изложување на кашлица или плунка, објави АФП.
Симптомите вклучуваат треска, главоболка и повраќање, а болеста често предизвикува вкочанет врат и црвен или виолетов осип.
Од април, француските власти го додадоа менингитисот на листата на препорачани вакцини за бебиња, велејќи дека околу 500 деца добиваат сериозни случаи секоја година.
Околу 10% од случаите се фатални, објави АРС.