Свет

Франција планира да ја зголеми старосната граница за пензионирање

Франција планира да ја зголеми старосната граница за пензионирање

Французите ќе работат уште две години пред да се пензионираат, објави премиерката Елизабет Борн, цитирана од Ројтерс. Таа ја опиша непопуларната реформа на пензискиот систем, која може да доведе до штрајкови и ќе биде тест за способноста на претседателот Емануел Макрон да прави промени.

Долго одложуваната сеопфатна реформа ја зголемува старосната граница за пензионирање на 64 години, потег на кој се противат четворица од пет Французи, според истражувањето на Odoxa. Ова доаѓа во време кога многу од жителите на земјата веќе се соочуваат со криза на трошоците за живот.

„Свесна сум дека промената на пензискиот систем покренува прашања и предизвикува загриженост кај Французите“, коментира Борн, додавајќи дека нејзината влада работи да ги убеди жителите на земјата дека реформата е неопходна.

„Денеска предлагаме проект за балансирање на нашиот пензиски систем, проект кој е праведен“, нагласи таа.

Сеопфатниот ремонт на пензискиот систем е централен столб на реформската агенда на Макрон откако тој влезе во Елисејската палата во 2017 година.

Вториот обид нема да биде полесен, забележува Ројтерс.

Лидерите на француските синдикати ќе се состанат подоцна оваа вечер за да разговараат како да одговорат на предложените промени со протести и штрајкови. Реформата на Макрон и Борн ќе треба и одобрување од парламентот, во кој тие немаат апсолутно мнозинство.

Се чини дека тоа е поостварлива цел отколку пред неколку недели, откако владата направи некои отстапки на конзервативната Републиканска партија. Сепак, партијата не доби се што сакаше и не е единствена по ова прашање, така што секој глас ќе се смета.

Со една од најниските возрасти за пензионирање во индустријализираниот свет, Франција троши многу повеќе на пензии – скоро 14 отсто од бруто домашниот производ, според Организацијата за економска соработка и развој.

Во пракса, според владиниот предлог, возраста на која секој може да се пензионира и да добие пензија во Франција постепено ќе се зголемува за три месеци годишно, почнувајќи од септември. Ова ќе достигне 63 години и 3 месеци во 2027 година и целната возраст од 64 години во 2030 година.

За добивање целосна пензија од 2027 година ќе бидат потребни 43 години работен стаж.

„Мораме да се соочиме со реалноста и да најдеме решенија за да го зачуваме нашиот социјален модел“, рече Борн, нагласувајќи дека европските соседи на Франција, исто така, ја зголемија старосната граница за пензионирање во последните години.

Матилда Пано од левичарската партија „Непослушна Франција“ на Твитер објави дека планот е „архаичен, неправеден и суров“.

Француската влада предвидува дополнителен профит од 17,7 милијарди евра (19 милијарди долари) до 2030 година благодарение на предложената пензиска реформа, изјави денеска министерот за финансии Бруно Ле Мер.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни