ФРАНЦИЈА се пласираше во финалето на Светското првенство со победа против Мароко со 2:0. Стрелци на головите беа Тео Ернандез и Кола Муани. Французите в недела во финалето ќе играат против Аргентина, додека Мароканците во сабота од 16 часот ќе играат против Хрватска во мечот за третото место.
Мароканците во последен момент пред почетокот на натпреварот го загубија стандардниот стопер Агуерда поради повреда, на негово место дојде Дари. За Французите не настапија Упамекано и Рабио, кои го пропуштија последниот тренинг поради болест. Франција го започна натпреварот со гол, кој го постигна Тео Ернандез во петтата минута.
Гризман додаде до Мбапе, чиј удар беше изблокиран, но топката се одби до Тео Ернандез, кој погоди за водство на актуелните светски шампиони. Во таа акција лошо реагираше дефанзивецот на Мароко, Ел Јамик.
Французите дури можеа да го зголемат водството во 17. минута, кога Жиру ја погоди стативата. Саис погреши, а францускиот центарфор му ја одзеде топката во опасната зона. Тој шутираше од работ на шеснаесетникот, но ја погоди стативата. Во средината на првиот дел Мароканците останаа без уште еден стандарден стопер, капитенот Саис. Амалах влезе наместо него.
Најубавата шанса ја имаше Мароко во 44. минута. По корнерот, Ел Јамик шутираше со ножички, а неговиот обид го одбрани Љорис, а топката се одби од стативата и излезе во аут и некако француската одбрана успеа да расчисти.
Коло Муани погоди за 2:0 во 80. минута веднаш по влегувањето од клупата за резерви. Најголема работа заврши Мбапе, кој најпрвин играше по левата страна за Маркус Турам, а потоа по возвратната топка навлече тројца играчи на себе. Тој го виде Коло Муани на другата страна од себе и му ја даде совршената топка. Француското крило само ја турна топката во празна мрежа.