Вообичаените конзерванси што се користат во голем број индустриски преработени производи може да бидат поврзани со зголемен ризик од висок крвен притисок, срцев и мозочен удар, покажува нова француска студија објавена во списанието European Heart Journal, пренесува Си-Ен-Ен.
Истражувањето, во кое биле опфатени повеќе од 112.000 лица, покажало дека одредени конзерванси се поврзани со 29 проценти поголем ризик од појава на хипертензија, како и 16 проценти повисок ризик од кардиоваскуларни заболувања, вклучително и срцев и мозочен удар.
Научниците анализирале 58 различни конзерванси, а осум од нив биле директно поврзани со зголемен крвен притисок. Меѓу нив се калиум сорбат, калиум метабисулфит и натриум нитрит – адитиви кои често се користат во преработено месо, вина, сокови, сирења, пекарски производи и сосови.
Студијата покажала дека дури и таканаречените „природни“ антиоксидативни конзерванси, како лимонската киселина и аскорбинската киселина (витамин Ц), се поврзани со 22 проценти повисок ризик од висок крвен притисок кај луѓето кои консумирале поголеми количини храна што ги содржи овие адитиви.
Главната авторка на студијата, Mathilde Touvier, појаснила дека природно присутниот витамин Ц во овошјето и зеленчукот не треба да се поистоветува со аскорбинската киселина што се додава како адитив во индустриската храна.
„Аскорбинската киселина што природно се наоѓа во храната и онаа што се додава како адитив може различно да влијаат врз здравјето“, посочила Тувие, која е истражувач во Францускиот национален институт за здравје и медицински истражувања во Париз.
Истражувачите нагласуваат дека проблемот не е ограничен само на ултрапреработената храна, бидејќи конзервансите денес се присутни во широк спектар производи. Според авторите, најдобар избор е да се дава предност на свежа, минимално преработена и непреработена храна.
Стручњаците потсетуваат дека ултрапреработената храна веќе подолго време се поврзува со зголемен ризик од дебелина, дијабетес тип 2, нарушувања на спиењето и кардиоваскуларни болести.
Во студијата се наведува и дека претходни истражувања на истиот тим откриле можна поврзаност на одредени конзерванси со повисок ризик од рак и дијабетес тип 2.
Сепак, експертите посочуваат дека станува збор за опсервациско истражување, што значи дека не може со сигурност да се потврди директна причинско-последична врска, но резултатите, според нив, се доволно сериозни за дополнителни научни анализи.