Македонија

ФЗО: Се бара трајно решение за проблемот со здравственото осигурување на вработените во МВР

ФЗО: Се бара трајно решение за проблемот со здравственото осигурување на вработените во МВР

Фондот за здравствено осигурување работи на надминување на проблемот со здравственото осигурување на вработените во Министерството за внатрешни работи, но и на воспоставување трајно системско решение со кое би се спречило повторување на ваквите ситуации.

Од ФЗО појаснуваат дека статусот на здравственото осигурување се утврдува преку автоматизиран систем, врз основа на податоците за пријавите и уплатените придонеси што електронски се преземаат од Управата за јавни приходи.

Оттаму нагласуваат дека Фондот не врши рачно исклучување на осигурениците, ниту донесува поединечни одлуки за прекинување на осигурувањето. Истиот механизам се применува за сите правни субјекти, вклучително и за државните институции.

Според Фондот, актуелната состојба е поврзана со дополнително пријавување вработени за претходен период врз основа на судски одлуки. Поради тоа, потребно е усогласување на пресметките и уплатата на придонесите.

Од ФЗО посочуваат дека и самата институција во минатото се соочила со слична ситуација, нагласувајќи дека не станува збор за постапка насочена кон конкретна институција или категорија вработени.

На иницијатива на Фондот веќе е формирана меѓуинституционална работна група со претставници на надлежните институции. Досега биле одржани неколку работни состаноци на кои се разгледуваат можните решенија за причините што доведуваат до вакви проблеми.

Од Фондот признаваат дека состојбата предизвикува загриженост кај вработените во МВР и нивните семејства, поради што, покрај решавањето на актуелниот проблем, целта е воспоставување долгорочен механизам што ќе гарантира поголема сигурност и континуитет во остварувањето на правата од здравственото осигурување.

ФЗО очекува соработката меѓу надлежните институции во најкраток можен рок да резултира со конкретно и одржливо решение. Најавуваат дека јавноста навремено ќе биде информирана за понатамошните активности и постигнатите резултати.

Поврзана објаваМВР повторно без здравствено осигурување, синдикатот реагира: Засегнати се околу 11.000 семејства

Ноќно студио

Најнова епизода

Една година од почетокот на судењето за „Пулс“ – кои одговори ги чекаат родителите? | Ноќно студио

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни