Германската опозиција го обвини Шолц за неисполнување ветувања кон Украина

Лидерот на водечката опозициска партија во Германија го обвини канцеларот Олаф Шолц за сериозни пропусти во испораката на оружје за Украина.

– Тврдењата на Шолц за поддршка на Украина не можат да поминат, изјави денеска шефот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) Фридрих Мерц за весникот на медиумската група „Функе“.

Се вчитува...

– Германската јавност и парламентот се измамени. Владата не го прави она што го одлучи Бундестагот – да испорача тешко оружје, рече Мерц, кој е и шеф на парламентарната група на Христијанско-демократската партија, пред неговата посета на Полска.

Официјална Варшава исто така тврди дека Берлин премногу се двоуми околу испораката на оружје. Разочарана е и од планираната кружна размена на оружје – на Украина и подарила повеќе од 200 тенкови, но е незадоволна од она што за возврат го добила од Германија. Кружната размена значи дека источните членки на НАТО испраќаат тешко оружје од советско производство во Украина, а за возврат добиваат западно.

Циркуларната размена е „ќорсокак“, рече Мерц. Тоа што Либералите и Зелените – две од трите партии во владејачката коалиција – сега предлагаат Германија да испрати тенкови директно на Украина за Мерц е секојдневно „покажување недоверба кон сопствениот канцелар“. Дебатата за испораките на оружје во владата го открива распадот на таканаречената коалиција семафор и „неподготвеноста на канцеларот да биде лидер“.

Сепак, владата во Берлин вчера соопшти дека Украина добила дополнително тешко оружје од Германија за одбрана од Русија. Пристигнале повеќекратни ракетни фрлачи Марс II и уште три оклопни хаубици 2000, информира вчера министерката за одбрана Кристина Ламбрехт.