Германските пратеници денеска го усвоија уставниот амандман кој го отвора патот за значајна инвестиција од 100 милијарди евра во вооружените сили, јави ДПА.
Специјалниот фонд го најави канцеларот Олаф Шолц неколку дена по почетокот на руската инвазија на Украина во февруари, а потоа германскиот лидер рече дека тоа е „пресвртница во историјата“. Уставната промена беше неопходна за да може огромната инвестиција во одбраната да се финансира преку заеми. Како по правило, германскиот устав го ограничува износот на долгот што владата може да го акумулира.
Предлогот за уставна промена го доби потребното двотретинско мнозинство во долниот дом по договорот меѓу партиите од централно-левичарската коалиција и конзервативната опозиција. Уставната промена мора да биде поддржана со двотретинско мнозинство и во Горниот дом.
Претходно денеска, германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок остро го критикуваше, како што рече, децениското недоволно финансирање на вооружените сили на земјата. „Недостатоците на Бундесверот не можат да се толерираат ниту една секунда“, рече Бурбок, член на Партијата на зелените. Таа додаде дека повеќе не треба да се спротивставуваат прашањата на социјалната правда и безбедност. Парите ќе бидат искористени за купување подобра опрема, вклучувајќи авиони, тенкови и муниција, но и за лична опрема за војниците, како уреди за ноќно гледање или радија.
Германија беше критикувана од нејзините сојузници во НАТО, особено од Соединетите Американски Држави, затоа што не ја исполни својата обврска да потроши 2% од БДП на своите вооружени сили. Земјата е исто така под притисок да испрати повеќе воена опрема за да и помогне на Украина и да ја достави побрзо.
