„Ние, семејствата што ги загубивме децата, сме најмногу изгорени од оваа трагедија, а денес сме оставени сами на себе.“ Со овие болни зборови Томче Стојков, татко на загинато дете во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, го опиша чувството на осаменост и разочарување во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Стојков вели дека семејствата на жртвите очекувале поголема солидарност и поддршка, особено од оние кои ја преживеале трагедијата. Според него, дел од преживеаните и повредените не присуствуваат на маршевите за правда, судските рочишта и одбележувањата во спомен на загинатите.
Тој нагласи дека искрено посакува сите повредени целосно да закрепнат и да продолжат со животот, но истовремено чувствува дека болката на родителите сè повеќе се заборава.
„Ние, најмалку виновните, го плативме данокот, а со нас нема кој да сочувствува и да ја разбере нашата ситуација. Препуштени сме сами на себе“, истакна Стојков.
Особено го погодуваат, како што вели, коментарите дека родителите станале досадни со своите барања за правда и дека нивните маршеви негативно влијаеле врз работењето на одредени бизниси.
„Емпатијата ја нема, разбирањето го нема. Има коментари дека веќе сме досадни, дека некому му пречиме, па дури и дека поради нашите маршеви им паѓал бизнисот“, рече Стојков.
Според него, материјалните интереси сè почесто ги потиснуваат човечноста, солидарноста и сочувството.
„Сè е претворено во интерес, во материјално, во корист. Материјалното го презема човечкото“, порача Стојков во „Ноќно студио“ на 4ТВ.