Главниот извршен директор на Рајанер Мајкл О’Лири изјави дека првичните наоди од истрагата за инцидентот, во кој патник речиси беше извлечен низ прозорец по декомпресија во лет, укажуваат на „оштетување предизвикано од надворешен предмет“ и дека не станува збор за проблем поврзан со староста или одржувањето на леталото, пренесе Катимерини.
О’Лири посочи дека авионот има 18 години и дека моторот во последните две години поминал целосно одржување и генерален ремонт. Тој додаде дека за околу 28 дена се очекува нацрт-извештај за инцидентот, по што ќе следи подетален извештај.
Според Ројтерс, доколку се потврди дека штетата е предизвикана од надворешен предмет, тоа може да ја намали правната одговорност на Боинг и Рајанер за настанот.
Истражителите сè уште не ја утврдиле точната причина, но според сведочења на патници, прозорецот пукнал откако бил погоден од отломки исфрлени по дефект на десниот мотор, додека Боинг 737-800 летал на висина од околу пет километри.
61-годишен маж за малку не бил извлечен низ прозорец на авионот на Рајанер за време на лет на почетокот на јули. Податоците од радарското следење покажуваат дека леталото било во воздух околу десет минути кога нагло ја намалило висината за 2.700 метри.
Во соопштение на Рајанер се наведува дека летот во петок наутро од грчкиот град Солун кон германскиот Меминген се вратил кратко по полетувањето, бидејќи прозорецот до еден од патниците се скршил за време на летот.