Свет

Глобалните царини на Трамп стапуваат на сила: Еве ги сите детали

Глобалните царини на Трамп стапуваат на сила: Еве ги сите детали

Нови глобални царини од 10 отсто, кои ги воведе американскиот претседател Доналд Трамп, стапија во сила откако Врховниот суд во петокот блокираше низа негови претходни, сеопфатни увозни давачки. Само неколку часа по пресудата, претседателот потпиша извршна уредба со која новата царина се воведува од 24 февруари.

Трамп подоцна се закани со зголемување на царината на 15 отсто, но сè уште нема издадено официјална директива за покачување на стапката.

Повик на Законот за трговија

Администрацијата новиот намет го воведува повикувајќи се на член 122 од Законот за трговија од 1974 година, кој му овозможува на претседателот да воведе давачки во период од 150 дена без одобрување од Конгресот, пренесува Би-Би-Си.

Во извршната уредба се наведува дека целта на привремената увозна царина е „решавање на основните проблеми во меѓународниот платен промет и продолжување на работата на администрацијата за воспоставување рамнотежа во трговските односи во корист на американските работници, земјоделци и производители“.

Одлуката на судот и растечкиот дефицит

Претседателот тврдеше дека царините се неопходни за намалување на американскиот трговски дефицит, односно износот за кој увозот го надминува извозот. Сепак, дефицитот минатата недела достигна ново рекордно ниво, зголемувајќи се за 2,1 отсто во однос на 2024 година, на околу 1,2 билиони долари.

Според последните официјални податоци, САД веќе наплатиле најмалку 130 милијарди долари од царини врз основа на Законот за меѓународни вонредни економски овластувања од 1977 година (IEEPA), кој Врховниот суд сега го оспори.

Трамп остро ја критикуваше одлуката на Врховниот суд, нарекувајќи ја „смешна, лошо напишана и изразито антиамериканска“. Со одлука донесена со 6 гласа „за“ и 3 „против“, судиите утврдија дека претседателот ги пречекорил своите овластувања кога минатата година вовел сеопфатни глобални царини повикувајќи се на IEEPA.

Меѓународни реакции

По пресудата, Трамп вчера се закани со воведување уште повисоки царини за земјите кои се „играат“ со неодамнешните трговски договори. Неговото предупредување доаѓа во момент кога државите ширум светот проценуваат кои трговски договори и царини ќе останат на сила.

Европската Унија соопшти дека ќе ја запре ратификацијата на договорот постигнат летос, додека Индија најави одложување на претходно закажаните разговори за финализирање на неодамнешниот договор.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни