Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека проектот за брз автобуски превоз (БРТ) влегува во фаза на реализација, откако Владата го одобри Договорот за негово имплементирање. Станува збор за еден од најзначајните инфраструктурни зафати за модернизација на јавниот превоз во главниот град.
Според Ѓорѓиевски, БРТ системот ќе функционира како „метро на тркала“, со посебни ленти за движење, приоритет на раскрсници и висока фреквенција на возила, што ќе овозможи побрз, посигурен и предвидлив превоз. Целта е значително да се намалат гужвите, времето на патување и загадувањето на воздухот.
Проектот предвидува изградба на две линии – Исток–Запад и Север–Југ, набавка на CNG/хибридни нископодни автобуси, воведување патнички информативен систем и паметни станици, како и интеграција со системот за управување со сообраќајот во градот.
Со договорот се утврдуваат обврските и координацијата меѓу Министерството за финансии, Министерството за транспорт и врски и Град Скопје, а средствата во износ од 70 милиони евра од Европската банка за обнова и развој ќе бидат пренесени како неповратни средства за реализација на проектот.
Ѓорѓиевски посочи дека одобрувањето на договорот ќе овозможи почеток на конкретни активности на терен, вклучувајќи јавни набавки, техничка подготовка и инфраструктурни работи.
Тој нагласи дека јавниот превоз во Скопје со години се соочува со сериозни предизвици, но дека сега се преземаат конкретни чекори за нивно надминување. Во таа насока, како значаен чекор ја посочи и набавката на 100 нови еколошки автобуси.
Градоначалникот изрази благодарност до Владата и премиерот Христијан Мицкоски, како и до ресорните министри, за поддршката во реализацијата на проектот, оценувајќи дека станува збор за инвестиција во подобар квалитет на живот, почиста животна средина и достоинствен јавен превоз.
„Со заедничка посветеност, проблемите што со години беа дел од секојдневието ќе останат зад нас, а пред нас ќе стои модерен и ефикасен транспортен систем каков што Скопје заслужува“, порача Ѓорѓиевски.
