Ѓорѓиевски: Наследивме хаос, воспоставуваме ред и систем

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, со објава по повод 100 дена од преземањето на функцијата направи пресек на сработеното, истакнувајќи дека градот бил преземен во исклучително тешка финансиска состојба, но дека во изминатиот период биле преземени конкретни чекори за стабилизација.

Според него, на почетокот од мандатот бил наследен долг од речиси 300 милиони евра, блокирани сметки и јавни претпријатија со неисплатени плати. Ѓорѓиевски наведува дека за три месеци обврските биле намалени за повеќе од 40 милиони евра преку кратење на, како што вели, непродуктивните трошоци и воведување финансиска дисциплина. Воедно, стабилизирана била исплатата на платите во јавните претпријатија, а биле отстранети и над 600 лица за кои тврди дека биле фиктивно вработени.

Во делот на комуналните активности, градоначалникот информира дека била спроведена, како што ја нарече, најголемата акција за чистење досега, при што за 72 часа биле отстранети над 4.500 тони отпад. Посочи и дека е расчистено коритото на реката Вардар, отстранети се нелегални објекти и поставени се заштитни столбчиња на повеќе локации.

Ѓорѓиевски најави продолжување и забрзување на инфраструктурните проекти, меѓу кои клучката кај Момин Поток, булеварот „Македонија“ со подземна сообраќајница, улиците „Љубљанска“ и „Перо Наков“, како и реконструкцијата на „Фрањо Клуз“. Во наредниот период, како што истакна, следува доизградба на булеварот „Борис Трајковски“, кој секојдневно го користат повеќе од 100.000 граѓани.

Најавена е и изградба на нови кружни текови, булевари и монтажни катни гаражи, како и старт на изградбата на Луна паркот. Во јавниот превоз се планира модернизација со нови еколошки автобуси, со поддршка од Владата, при што градоначалникот упати благодарност до премиерот Христијан Мицкоски за, како што наведе, силната институционална поддршка.

Во образованието, според објавата, реализирана е најголема набавка досега за средните училишта – нов мебел, компјутери, интерактивни табли и прочистувачи на воздух, а се работи и на проекти за енергетска ефикасност и фотоволтаици. Потврдено е дека Скопје останува Европска престолнина на културата 2028.

Градоначалникот порача дека првите 100 дена се само почеток на подлабоки и трајни промени, најавувајќи дека следуваат капитални инвестиции кои, како што вели, трајно ќе го променат ликот на градот и ќе донесат побрзо и поквалитетно секојдневие за скопјани.