Град Скопје ја отвори вратата за жртвите на семејно насилство со нов шелтер-центар наменет за заштита и поддршка. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски информира дека стан во сопственост на Градот е официјално отстапен на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство „Глас против насилство“, со цел обезбедување сигурен простор за згрижување и помош на загрозените лица.
Во новиот центар, жртвите на семејно насилство ќе можат да добијат засолниште, психолошко советување и поддршка за нов почеток во безбедна средина. Локацијата на објектот останува строго доверлива поради безбедносни причини.
„Со отворањето на овој шелтер-центар, Град Скопје продолжува да ја зајакнува својата соработка со граѓанскиот сектор и да создава безбедна, солидарна и инклузивна заедница“, истакна Ѓорѓиевски.
Оваа иницијатива е дел од пошироките заложби на Градот за борба против семејното насилство и за обезбедување на простор каде жртвите можат да се чувствуваат заштитено и поддржано.
