„Ако веќе се крати од буџетот, нека се крати од луксузите на функционерите, а не од лицата со попреченост“, дециден е личниот асистент Ѓорѓиевски во „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Во продолжение на разговорот за проблемите во секторот социјална заштита, лиценцираниот личен асистент Филип Ѓорѓиевски упати остра порака до институциите, реагирајќи на информациите за буџетски кратења кои директно удираат по најранливите категории граѓани.
„На своја кожа е многу потешко“
Ѓорѓиевски вели дека постои огромна разлика помеѓу она што институциите го презентираат како политика и реалноста со која се соочуваат луѓето на терен. Според него, бирократијата често нема претстава за вистинската тежина на секојдневието на овие лица.
„Не може да кажеме дека е исто. Кога нешто ќе се почувствува на своја кожа, е многу потешко. Колку се свесни институциите за тоа – не би знаел“, вели тој.
Луксузот пред потребите на граѓаните
Главниот револт кај асистентите и семејствата на корисници произлегува од сознанијата дека државата штеди таму каде што помошта е најнеопходна, додека во исто време не се откажува од непродуктивните трошоци.
„Мислам дека не е во ред да се крати кај најранливите категории. Ако веќе кратиме од буџетот на државата, ајде да скратиме кај некои други работи, кај некои луксузи што се тераат“, нагласува Ѓорѓиевски.
Да им го земеш и тоа „зрнце“ што го имаат
За крај, Филип испрати моќна порака до носителите на одлуки, потенцирајќи дека кратењето на веќе минималната поддршка е нехуман чин кој ја загрозува егзистенцијата на лицата со попреченост.
„Не е во ред да се кратат средства таму каде што има вистинска потреба. Тоа малку ‘зрнце’ што им го даваш, сега сакаш и тоа да им го земеш. Тоа не е во ред и тоа е мојата главна порака“, заклучи тој во интервјуто за 4ТВ.
