Можноста Југославија да се распадне и Македонија да мора да тргне по сопствен пат се разгледувала многу пред прогласувањето на независноста, сведочи првиот министер за одбрана Трајан Гоцевски.
Во разговор за 4ТВ, Гоцевски се присетува на средбите со тогашниот висок југословенски функционер Киро Глигоров и генералот Михајло Апостолски, на кои, според неговото сведоштво, уште во 1987 година се разговарало за сериозноста на состојбите во Белград и можните идни сценарија.
Гоцевски раскажува дека на почетокот на 1987 година Глигоров му укажал оти состојбите во федералниот центар стануваат сè посложени.
„Горе не оди како што треба“, се присетува Гоцевски дека му рекол Глигоров, посочувајќи дека доколку дојде до распад на Југославија, ќе бидат потребни луѓе и навремена подготовка.
Според Гоцевски, тоа бил првиот момент кога од висок политички функционер директно слушнал размислување за можноста Македонија во иднина да мора да изгради сопствен пат.
Во разговорите, според неговото сведоштво, присутен бил и генералот Михајло Апостолски, кој на Глигоров му укажувал на потребата од претпазливост поради сè уште активните југословенски безбедносни структури.
„Службите сè уште функционираат“, се присетува Гоцевски дека било кажано во разговорот со Глигоров.
Токму ваквите контакти, според Гоцевски, биле дел од поширок процес во кој уште во втората половина на 1980-тите години започнало размислувањето за можната иднина на Македонија во услови на длабока југословенска криза.
Подоцна, во тој процес се вклучиле и интелектуалци, професори, политичари, дипломати и воени лица, кои почнале да ги разгледуваат прашањата поврзани со можниот распад на федерацијата и чекорите што Македонија би требало да ги преземе.
Според сведоштвото на Гоцевски, разговорите од тој период претставувале еден од почетоците на размислувањата за политичката, безбедносната и институционалната иднина на Македонија надвор од југословенската рамка.