Македонија

Град Скопје со рекордна реализација на инвестиции во првите 4 месеци

Град Скопје со рекордна реализација на инвестиции во првите 4 месеци

Во првите месеци од 2026 година, Скопје бележи значителен напредок во реализацијата на капиталните инвестиции, информира градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Според податоците што ги презентираше, во првиот квартал се реализирани 335,75 милиони денари, што претставува 18,12% од вкупно планираните средства за 2026 година. До април, реализацијата достигнала 464,45 милиони денари, што, како што истакна, е највисок априлски резултат досега.

Заклучно со 8 мај 2026 година, вкупната реализација на капиталните инвестиции надминала 480 милиони денари, односно околу 26% од планираните средства. Ѓорѓиевски посочи дека ова темпо е значително повисоко во споредба со претходни години, нагласувајќи дека за само неколку месеци се надминати резултати од цели шестмесечни периоди во минатото.

Паралелно со инвестициите, како што информира градоначалникот, исплатени се сите заостанати субвенции за велосипеди, инвертер-клими и стипендии, а обезбедени се и 467,9 милиони денари за стабилизација на јавните претпријатија.

Тој додаде дека во последните 4,5 месеци обврските на јавните претпријатија се намалени за околу 38,5 милиони евра. Најголемо намалување е забележано во ЈП „Водовод и канализација“, каде долговите се намалени за 1,55 милијарди денари.

Дополнително, долговите на Градот Скопје се намалени за 11,6 милиони евра, што, според градоначалникот, укажува на стабилизација на финансиската состојба.

Ѓорѓиевски заклучи дека системот во градските институции се стабилизира, платите се редовни и дека Скопје продолжува со засилено темпо на работа и реализација на проекти.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни