Објава на градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, на социјалната мрежа Фејсбук предизвика реакции, откако жена која се препознала на објавените фотографии јавно му одговори дека уредно пријавила и платила за подигање на кабастиот отпад.
Митески на својот Фејсбук-профил објави фотографии на кои се гледа жена покрај стар мебел оставен во близина на контејнери, оценувајќи дека станува збор за неодговорно однесување и создавање дива депонија.
„Ова не е невнимание. Ова е неодговорност! Среде бел ден, на само неколку метри од контејнерите, се остава стар мебел и се создава нова дива депонија“, напиша Митески, додавајќи дека инспекциските служби веќе постапуваат по случајот.
Тој ги повика граѓаните да пријавуваат вакви случаи до општината, по можност со фотографии и точна локација, нагласувајќи дека лицата кои создаваат диви депонии мора да сносат одговорност.
Но, следуваше неочекуван пресврт во коментарите под објавата.
Жената која се препознала на фотографиите, Елена Рускова, јавно реагираше, тврдејќи дека кабастиот отпад го пријавила во Општина Аеродром и дека услугата за негово подигање веќе ја платила, а преземањето било закажано за 22 октомври 2026 година.
„Господине, еве јас сум личноста на сликата. Елена Рускова. Да ви кажам дека легално ми е пријавено во Општина Аеродром и платено за подигање на ден 22.10.26“, напиша таа во коментарот.
Рускова најави и тужба за клевета и јавно посрамување, барајќи од градоначалникот да ги провери информациите во општината и инспекциските служби.
„Очекувам брзо да си проверите во Општина и инспекција дека сè сум регуларна. И притоа очекувам јавно извинување“, порача таа.
Случајот отвори прашања дали пред јавното објавување на фотографиите била направена проверка дали кабастиот отпад е пријавен за организирано подигање.
Засега, од приложените објави не може независно да се потврди дали услугата навистина била платена и дали отпадот бил оставен во согласност со правилата за негово преземање.
Останува да се види дали Општина Аеродром ќе ги провери наводите на Рускова и дали градоначалникот Митески ќе се произнесе по нејзината реакција и барањето за јавно извинување.