Македонија

Градоначалникот на Кисела Вода помеѓу ветувањата и реализацијата: „Цементарница не е во големите загадувачи“

Асфалтирање улици, санација и реконструкција на улици, градење фекална канализација и водоводна мрежа, игралишта за деца, паркови и градинки е она со што може да се пофали градоначалникот на Кисела Вода, Филип Темелковски. 55 реализирани проекти и 42 во фаза од ветените 180 во предизборието, што би значело половина реализација на проекти, но не и на ветеното. А што беше ветено?

Гасификација , изградба на поликлиника, решавање на проблемот со загадувањето и дивоградбите. Од 14 958 дивоградби, 8 859 се легализирани, а неговото предизборно ветување беше дека до крајот на мандатот нема да има ниту една.

-Во однос на гасификацијата, се одлучи да се оди преку градот Скопје, за тоа е информирано и новото градско претпријатие Енергетски системи-вели Темелковски.

-По однос на поликлиниката веќе деталниот урбанистички план Ј14, тоа е познатиот Расадник е на јавен увид. Се надевам дека до крајот на годината ќе биде усвоен ДУП и ќе се почне со иградба-рече Темелковски.

Анкетираните граѓани со поделени мислења, за тоа дали се задоволни од работата на градоначалникот и дали ги реализирал нивните очекувања.

-Некои улички ги реализираа, некои реализирани се.

-Па, задоволна сум и нешто што не ветил го исполни. –Како на пример?-Паркот во Драчево

-Па, слабо некако. Од тоа што вети многу малку реализира . Очекувавме некои капитални проекти, секојдневните му се обврска.

-Камшик само, наместо да се побуниме ние само си ќутиме. Нема агилност, насекаде се гледа, нешто несработено, нешто незавршено. –Од преизборните ветувања што е реализирано? –Ни половина.

А, кога сме кај актуелниот проблем со загадувањето градоначалникот вели дека направиле катастар на загадувачи, со тоа што, најголеми загадувачи се домаќинствата, па возилата и на крај индустријата:

-Инспекцискиот надзор не е наша работа туку државниот инспекторат. Знам дека имало двапати ненајавени инспекции во Цементара и не се најдени никакви наоди. Дури и во катастарот на загадувачи Цементара не е лоцирана како еден од најголемите загадувачи-рече Темелковски.

– И порано се грееле на дрва луѓето, меѓутоа немало таков проблем како сега. Ми се чини депониите и индустријата го прават загадувањето. Хигиената ми смета, нехигиената всушност. Главната улица се прска, се чисти, споредните улици никој не ги чисти.

По низата протести на граѓаните, Темелковски најавува дека ќе се дислоцира Центарот за зависности во неколку други општини, како Центар, Карпош, Гази Баба и Чаир. Затекнатиот долг на општината бил 157 милиони денари, а сега е 61 милион денари. Градоначалникот се пожали дека иако припаѓаат на централното градско подрачје добиле најмалку сретства споредено со другите скопски општини, само 300 милиони денари.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни