Грета Тунберг упати остра порака за модната индустија

Климатската активистка Грета Тунберг го искористи своето појавување на насловната страница на првиот број на списанието „Вог Скандинавија“ за да ја критикува брзата мода.

„Модната индустрија дава голем придонес во климатската и еколошката криза, а да не зборуваме за нејзиното влијание врз безброј работници и заедници низ целиот свет, така што некои можат да уживаат во брзата мода, која многумина ја третираат како еднократна употреба“, напиша Тунберг на Инстаграм и Твитер.

Некои луѓе во модната индустрија користат скапи кампањи, вели таа, за да остават впечаток на светот дека се одржливи, климатски неутрални и фер.

Речиси секогаш станува збор за злоупотреба на зелената слика, рече Швеѓанката, мислејќи на мерките што ги преземаат компаниите за да го претстават својот бизнис како еколошки одржлив, а всушност тие не прават ништо позитивно за самата животна средина.

„Не можете масовно да произведувате мода и да консумирате одржливо. Тоа е една од многуте причини зошто треба да го смениме системот”, вели Грета.

Во интервју за списанието Вог, Тунберг изјави дека со години не купува нова облека.

„Последен пат купив нешто ново пред три години, од втора рака. Само позајмувам работи од луѓе што ги познавам“, рече таа.

Самиот магазин во јавна изјава наведе дека ги споделува вредностите на младиот климатски активист за одржлив живот и заштита на животната средина, а облеката што Тунберг ја носи на насловната страница на познатото списание е изработена од одржливи и рециклирани материјали.