Во најновата колумна, секретарот на Здружението на металурзи на Македонија, Виктор Грозданов, остро ја критикува јавната дебата околу рударските проекти во земјата, оценувајќи дека во неа доминираат емоции, селективно паметење и двојни стандарди.
Тој наведува дека дел од најгласните противници на проектот „Иловица-Штука“ во минатото немале резерви кон инвеститорите, а некои од нив, според него, дури и барале можност за вклучување во проектот.
„Интересно е како некои од најгласните противници на проектот денес, некогаш немале никаков проблем да бидат во близина на инвеститорите, да разговараат со нив или и самите да аплицираат за работа во проектот кој денес толку жестоко го напаѓаат“, пишува Грозданов.
Грозданов истакнува дека секој има право да го промени својот став, но предупредува дека не е коректно да се премолчува сопственото минато.
„Секој има право да го смени мислењето. Но, не е фер да се заборави сопствената историја додека на другите им се држат лекции“, наведува тој.
Грозданов во колумната повикува дебатата за рударството да се темели на стручност, факти и научни анализи, наместо на меѓусебни обвинувања и политички наративи.