Безбедносните мерки се засилени во Грција на главните аеродроми, како и околу локации на нејзина територија поврзани со Израел и САД, поради зголемените тензии на Блискиот Исток, објави електронското издание на весникот „Катимерини“.
Портпаролката на грчката полиција, Констанција Димоглиду, денес изјави дека мерките се протегаат надвор од дипломатските мисии и вклучуваат комерцијални и деловни локации поврзани со САД и Израел кои би можеле да бидат потенцијални цели. Таа рече дека безбедносните мерки се зголемени и на главните аеродроми во Грција, а полицијата тесно соработува со армијата и тајните служби за справување со потенцијални закани.
Поради тензиите на Блискиот Исток, откажани се десетици летови од Атина до земјите во регионот, забележува „Катимерини“.
Веста доаѓа по нападот со беспилотни летала врз британската воена база во Акротири на југозападниот дел од Кипар, за кој британската армија објави во текот на ноќта. Информацијата ја потврдија кипарските власти утрово, а портпаролот на кипарската влада, Константинос Летимбиотис, изјави дека „надлежните органи веднаш ги активирале потребните безбедносни протоколи“ и дека е свикан советот за национална безбедност.
„Сакам да бидам јасен: Нашата земја не учествува на никаков начин и нема намера да биде дел од никаква воена операција“, изјави денес Христодулидес, откако ги потврди и информациите за нападот со беспилотни летала врз британската база, објави Ројтерс. Во меѓувреме, претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, изрази поддршка за Никозија, наведувајќи во Екс дека иако Република Кипар не била цел, ЕУ стои „колективно, цврсто и недвосмислено“ зад своите земји-членки.
