Македонија

Група граѓани со кривична пријава против Орце и Ана Камчев за давање поткуп

Група на граѓаните до Основно јавно обвинителство поднесоа кривична пријава за давање на поткуп против две лица, Ана и Орце Камчев.

„Пријавената Ана Камчева која е по професија адвокат иако знаела дека давањето поткуп е кривично дело и за истото следува затворска казна, истата занемарувајќи го ова казнливо дело, за да нејзиниот сопруг се брани од слобода или добие поблага мерка на претпазливост, на повеќе наврати нудела поткуп и тоа во високите адвокатски и судски кругови.“, се вели во кривичната пријава на група граѓани.

Според поднесената пријава, сопругата на Камчев нудела 500.000 евра, од кои 350.000 ги имала во кеш, а останатите 150.000 ги позајмила од осомничениот во „Рекет“ – Зоран Милевски – Кичеец.

„Иначе второобвинетиот во предметот „Рекет“ и заедно со сопругата на Камчев се упатиле во стан во населбата Капиштец, каде што биле пречекани од нејзиниот колега адвокат В.Д, па така пријавената знаејќи кој е В.Д му исплатила сум во износ од 500.000 евра на истиот за да влијае на неговата сестра судија В.Д која е судечки судија при Основниот Кривичен суд Скопје“.

Граѓаните во поднесената кривична пријава пишуваат дека со парите кои биле исплатени, успеале да влијаат со што на Јордан (Орце) Камчев му била олеснета положбата и од притвор бил префрлн во куќен притвор.

Инаку, Камчев е бизнисменот кој ја поднел пријавата за случајот „Рекет“ во кој првообвинет е Бојан Јовановски, второбвинетиот Зоран Милевски и третобвинетата е екс-специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.

По отворената истрага за „Рекет“ на 15 јули оваа година, обвинителството откако ги сослуша инволвираните лица и собра докази, до судот поднесе обвинителен акт со кој на товар Боки 13 и Кичеец им се става делото перење пари и измама на повеќе од 1 милион евра, а на Катица Јанева злоупотреба на службената положба и примање награда во вредност од 50.000 евра.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни