ГСОЛ/Еуроникел: Остануваме посветени на иднината на ФЕНИ

ГСОЛ/ Еуроникел, како најголем доверител и инвеститор во ФЕНИ Индустри останува цврст во своите намери и цели да го одржи работниот статус на 800 вработени во компанијата за време на стечајниот процес, и да го направи ФЕНИ водечки производител на фероникел во Европа. Инвеститорот досега докажа пред надлежните органи и институции дека има квалитетен план со инвестирање преку 80 милиони евра, одржување на фабриката во производство, заштита на стотици работни места, рестартирање на производството и купување на побарувањата на повеќе од 200 доверители.

Одлуката на Апелациониот суд во стечајниот процес побара неколку појаснувања во планот за реорганизација, кои ќе се спроведуваат во најкус рок. Планот за реорганизација на ФЕНИ е пример за еден ваков процес и носи позитивни промени, што беше потврдено со одобрување од 98% од страна на доверителите и прифаќање од страна на Одборот на доверители во јуни и јули 2018 година. ГСОЛ/ Еуроникел ја потврдува својата посветеност на имплементација на сите појаснувања кои се потребни за комплетирање на процесот и да може да започне со реализација на инвестицискиот план кој вклучува зголемување на производството, стартирање на втората печка, создавање можности за нови работни места и обезбедување сигурна и извесна иднина.

„Најдобрите практики и почитувањето на највисоките меѓународни стандарди се клучните карактеристики на нашите инвестиции и како досега ќе продолжиме да ги следиме насоките што ги бара стечајниот процес. Веруваме дека ова ќе биде направено брзо и ефикасно, со цел да се заштити работниот век на фабриката и сите заинтересирани страни, меѓу кои клучни се вработените и добавувачите. ФЕНИ е на пат повторно да стане најголем извозник во земјата со највисока додадена вредност, па оттука и главен учесник во БДП на земјата”, рече Маркос Камис, директор на ГСОЛ.