Македонија

ФОТО Пожарите околу Скопје донесоа чад и мирис на гареж: Активни неколку жаришта во земјава

ФОТО Пожарите околу Скопје донесоа чад и мирис на гареж: Активни неколку жаришта во земјава
Фото: Ј.Пауноски / 4news.mk - чад над Скопје

Скопје денеска беше обвиено со чад и мирис на гареж, додека активните пожари во околината на главниот град продолжуваат да го отежнуваат квалитетот на воздухот и видливоста.

На фотографиите направени од падините на Водно се гледа густа магла од чад над скопската котлина, додека градот во вечерните часови светка под облакот што се спушта над него.

Фото: Ј.Пауноски / 4news.mk – чад над Скопје

Според информациите од Центарот за управување со кризи, ветерот го носи чадот од активниот пожар на планината Китка, на подрачјето меѓу општините Студеничани и Зелениково. На пожарот во текот на денот интервенирал и хеликоптер на Министерството за внатрешни работи.

Чад и мирис на гареж се пријавени и поради пожарот кај селото Бојане, на планината Жеден, каде огнот се шири на тешко пристапен терен. Надлежните посочија дека нема пожар на Водно, иако од оваа планина најдобро се забележува намалената видливост над градот.

Фото: Ј.Пауноски / 4news.mk – чад над Скопје

До 18 часот денеска во земјава биле регистрирани 21 пожари на отворен простор – 7 активни, 2 под контрола и 12 изгаснати.

Сликите од вечерно Скопје сведочат за последиците од пожарите во околината: зад темните силуети на Водно и околната вегетација, градот продолжува да функционира, но под невообичаено густ чад што ја прекрива котлината.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни