Жителите на велешките села Иванковци и Кумарино не смеат да ја користат водата од селските водоводи за пиење, соопштија денеска од Општина Велес.
Забраната е донесена врз основа на решение од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), откако последните анализи на стручните екипи од ЈЗУ Центар за јавно здравје – Велес покажале неправилности во нејзиниот квалитет.
На терен веќе се поставени предупредувачки табли со натпис „Водата не е за пиење“ на повеќе локации во двете населени места.
Забраната за користење на водата за пиење останува на сила сè додека АХВ официјално не издаде ново решение за нејзина безбедност. Од Општина Велес апелираат до сите жители доследно да ги почитуваат насоките на надлежните институции.